Лошите кредити и натаму им создаваат главоболки на македонските банки, а заземат место и во извештаите на Народна банка на Македонија. Во последниот преглед на најновите макроекономски показатели, од централната банка велат дека зголемувањето на нефункционалните заеми во октомври, кога достигнале 12,3 отсто од вкупното кредитно портфолио, се должи најмногу на растот на лошите кредити кај компаниите. Бизнис-секторот одамна важи за „потежок“ враќач на земените заеми, наспроти граѓаните, кои се многу подисциплинирани во раздолжувањето, и каде што процентот на лоши кредити е многу помал. Во текот на октомври вкупните сомнителни и спорни побарувања продолжија да растат со забрзана динамика споредено со претходниот месец, што придонесе за благ раст на нивното учество во вкупните кредити. Во октомври вкупните кредити се зголемија за 1.659 милиони денари, што е околу 28 отсто од очекуваниот прираст до крајот на годината. Ваквите движења во целост се должат на натамошниот раст на нефункционалните кредити на корпоративниот сектор, се вели во последниот преглед на централната банка.
Лошите кредити и натаму им создаваат главоболки на македонските банки, а заземат место и во извештаите на Народна банка на Македонија. Во последниот преглед на најновите макроекономски показатели, од централната банка велат дека зголемувањето на нефункционалните заеми во октомври, кога достигнале 12,3 отсто од вкупното кредитно портфолио, се должи најмногу на растот на лошите кредити кај компаниите.
Бизнис-секторот одамна важи за „потежок“ враќач на земените заеми, наспроти граѓаните, кои се многу подисциплинирани во раздолжувањето, и каде што процентот на лоши кредити е многу помал.
„Во текот на октомври вкупните сомнителни и спорни побарувања продолжија да растат со забрзана динамика споредено со претходниот месец, што придонесе за благ раст на нивното учество во вкупните кредити. Во октомври вкупните кредити се зголемија за 1.659 милиони денари, што е околу 28 отсто од очекуваниот прираст до крајот на годината. Ваквите движења во целост се должат на натамошниот раст на нефункционалните кредити на корпоративниот сектор“, се вели во последниот преглед на централната банка.
НБМ неодамна објави податоци и за ноември лани, кои покажаа извесно намалување на лошите заеми, за околу 20 милиони евра. Но, факт е дека проблематичните кредити и натаму држат значајно високо ниво, од околу 477 милиони евра на крајот на ноември лани.
Во вакви услови се поставува прашање зошто компаниите и натаму имаат проблем со враќањето на кредитите, кога во земјава неколку квартали по ред Државниот завод за статистика регистрира солидни стапки на раст, што укажува дека постојано се подобрува економската состојба.
Марјан Петрески, универзитетски професор, смета дека постојаноста, па дури и порастот на нефункционалните кредити, е состојба која ќе потрае. „Главно е поради две причини. Првата е што економијата пополека заздравува, и остварениот раст во 2014 се чини задоволителен, но да не заборавиме дека тој раст главно го генерираат странските фабрики и државата, додека домашните фирми се' уште се соочуваат со големи предизвици, особено во делот на ликвидноста. Оттука, тие имаат и проблеми во отплата на кредитите“, вели Петрески. Второ, според него, во економска смисла нефункционалните кредити се таканаречена заостанувачка променлива, односно она што се случувало вчера се рефлектира кај нефункционалните кредити денес, односно со извесно временско задоцнување.
„Фирмите не прибегнуваат кон неотплаќање на долговите веднаш кога ќе се соочат со криза, туку дури откако ќе увидат дека кризната состојба во нивната компанија е сериозна и подолготрајна, и откако ги искористиле сите инструменти за да не дојде до неотплаќање на долгот, како што е рефинансирање или репрограмирање на долгот“, објаснува Петрески.
Во својот последен извештај за ризиците во банкарскиот систем за третиот квартал, централната банка констатираше дека растот на нефункционалните кредити забрзал, но и дека „ризикот за сопствените средства од нив се ублажува со нивната висока покриеност со издвоената исправка на вредноста“. Од централната банка велат и дека „во услови на натамошни позитивни економски движења, не се очекува позначително зголемување на нефункционалните кредити“. Сепак, од НБМ им порачаа на банкарите дека треба да ги зајакнат капацитетите на банките за да можат навреме да ги забележат сигналите за финансиските тешкотии кај нивните клиенти и навреме да ги реструктурираат нивните обврски.
Банките, и покрај нивото на лоши кредити, последниве месеци не ги одбегнуваат фирмите за кредитирање, па расте нивото на одобрените заеми на корпоративниот сектор.
Според НБМ, само во ноември или за еден месец банките одобриле нови кредити во вкупен износ од близу 45 милиони евра. Компаниите добиле 31 милион евра нови кредити, додека граѓаните 13 милиони евра. Комитетот за оперативна политика на НБМ соопшти дека првичните декадни податоци за кредитниот пазар во декември покажуваат натамошно засилување на растот на кредитите на месечна основа.
Подобри од земјите во регионот
Со ниво на лоши кредити од околу 12 отсто, Македонија е во најдобра позиција од земјите од регионот. Деновиве Светска банка посочи дека заздравувањето на овие економии ќе биде резултат на закрепнувањето на европските, но упати и на ризиците. „Потрошувачката и деловната доверба ќе бидат на ниско ниво поради политичката неизвесност, хронично високата стапка на невработеност и слабиот банкарски систем, оптоварен со високото ниво на нефункционалните кредити“, стои во извештајот.